Нови мерки од 1 октомври – угостителите се загрижени од дополнителен удар



ИЗВОР: АЛФА

Наместо да им помогнат, новите рестрикции кои стапуваат на сила од 1 октовмри каде ќе се бара сертификат за целосна имунизација за влез во сите угостителски објекти, ќе им создадат дополнителни главоболки на најпогодените сектори. Угостителите кои со недели алармираа дека се оставени сами на себе, предупредуваат дека никој не ги слуша. Реагираат дека и вака било неиздржливо, зашто во добар дел од локалите не влегувал „жив“ човек, а од следниот месец ќе било уште полошо.

  • Новите рестрикции кои стапуваат на сила од следниот месе, мислам дека ќе ги „дотепаат“ угостителите, но и целата индустрија. Не е проблем имунизацијата, проблем е периодов, сега зимски, зашто и онака нема луѓе, а со овие мерки уште повеќе ќе нема. Мора државата да го стави прстот на глава и да се запраша што прави, зашто ова што сме оставени на цедило, го нема во ниту една друга земја, вели меѓу другото Здравко Јосифовски од Угостителска комора на Македонија.

Капак на се и отсуството на државна помош за овој период, кога се книжат големи загуби предизвикани од пандемијата, која на големо „ги јаде“ парите од стопанството. За ублажување на ударот неопходна е владина помош, која во моментов ја нема. 

Подобрување на состојбата не очекуваат наскоро. Велат дека било потребно време, за да се врати сликата од пред 2019.  

Од Владата пак, изразија жалење што сега не може да им се помогне на оние на кои помошта им е и повеќе од потребна. Вицепремиерот Фатмир Битиќи вели дека ќе им излезат во пресрет со нови мерки, но дури откако ќе заврши изборниот процес.

Дека состојбата не е за поздравување алармираше и Народната банка, која предупреди дека инфлацијата во земјава е повисока од очекувањата. Од јануари до август, во просек годишниот раст на цените е 2,7%, а истиот се очекува да продолжи заради неизвесноста на странските пазари. Проекцијата пак на владата е годинава да ја завршиме со инфлација од 2,1%.

Борис Грујоски