Намален интересот за вакцинирање – Национална телевизија



ИЗВОР: АЛФА

Опаѓа интересот за вакцинација против Ковид 19, покажуваат последните статистики на Министерството за здравство. Вчера едвај 3470 граѓани ја примиле првата доза од анти ковид вакцината, а овој број кон средината на август беше и по 14.000 имунизирани дневно. Рестрикциите на Владата кои предвидуваат дека во кафуле, ресторант или мол ќе може да се влезе само со вакцинален сертификат или прележаност не повеќе од 45 дена, ги поттикна граѓаните помасовно да се вакцинираат, па првата седмица откако стапија на сила мерките вакциналните пунктови беа преполни. Тогаш прва доза од вакцината примаа по 13-тина илјади граѓани. Но интересот полека почна да спласнува. Статистиката покажува дека од воведување на мерките на 16-ти август до денес, прва доза од анти ковид вакцината примиле вкупно 133.800 граѓани.

Доктори епидемиолози пак се погласно калармираат дека токму вакцинацијата е клучна во борба со вирусот, а вакцините спасуваат од сериозни компликации од Ковид 19, па дури и од смрт. Доказ за ова се и последните податоци на Министерството за здравство кои покажуваат дека во новиот корона бран во кој доминира опасната делта мутација најголема смртност кај пациенти имало во градовите каде имало и најнизок процент на вакцинирано население.

„Во градовите како Гевгелија, Кавадарци, Ресен и Берово кадешто опфатот со вакцинација е помеѓу 54-61%, бројот на починати е најмал, односно има по еден починат. Тетово, го пречека бранот само со 19% вакцинирани граѓани во јули, таму имаше најголем притисок врз болниците, најголем број хоспитализирани пациенти и најголем број смртни случаи, 106 до крај на август. Слична е состојбата и во Гостивар каде починале 73 пациенти, а вакцинирани се под 30 отсто од населението“, информираат од Министерството за здравство.

И додека Македонија преку рестриктивни мерки се обидува да го поттикне населението масовно да се имунизира, повеќе Европски земји веќе заговараат задолжителна вакцинација. Така, Грција, пред два дена им подели решенија за неплатен принуден одмор на близу 6000 здравствени работници кои одбиле да примат вакцина против Ковид 19.

И властите во Италија воведоа задолжителна вакцинација за здравствените работници, но италијанскиот премиер Марио Драги не ја исклучи можноста земјата да воведе задолжителна имунизиација за сите граѓани над одредена возраст.

И во Германија на големо се шушка дека власта заговара задолжителна вакцинација во повеќе институции како домови за стари лица, градинким училишта, ординации на матични доктори.

Од друга страна, повеќе авио компании од САД и Европа најавија дека до крајот на годинава ќе го вакцинираат целиот кабински персонал, и дека нема да вработуваат невакцинирани работници.

Биљана Божиновска