Надворешни очи ќе гледаат: Меѓународен мониторинг за кривичните пријави на Боки 13 против функционери



ИЗВОР: АЛФА

Меѓународни правни експерти ќе ја мониторираат работата на Обвинителство, за кривичните пријави кои Боки 13 ги поднесе против поранешни и сегашни функционери од власта. Вакво беше барањето на одбраната уште од самиот старт, а како што објавуваат одредени медиуми, тим од десетина експерти од дипломатските претставништва веќе започнале со работа. При поднесувањето на кривичните пријави одбраната не сакаше да открива имиња, но јасно потенцираа дека се работи за лица од највисоката власт. Дали меѓу нив е премиерот Зоран Заев е непознато, но со оглед на изјавата на Бојан Јовановски, дека рекетираните пари во Македонија треба да се бараат кај него, речиси сигурно е дека и тој е во списокот.

-Пoлитичката кампања во Македонија започна, виде донесовте политичка пресуда. Парите рекетирани во оваа Македонија барајте ги кај Зоран и Вице Заеви, не кај Бојан Јовановски, кажа Боки 13 по изрекувањето на пресудата за „Рекет“.

Не е познато ниту кои се другите имиња против кои Бојан Јовановски поднесува кривични пријави, но познато е кои високи функционери од СДСМ биле гости во неговиот дом, а нив ги откри во сведочење пред судот неговата куќна помошничка, Драгана Колевска.

-Доаѓаа Радмила Шекеринска, Катица Јанева, Стефан Богоев, Александар Кирацовски, Орце Камчев, Зоран Милевски, Сергеј Варошлија, Венко Филипче, Анета Кочишки, кажа пред судот Драгана Колевска.

Инаку Боки 13 поднесе вкупно 20 кривични пријави. Преку писмо информираше дека во нив се опфатени околу 30 лица наведувајќи дека директно се поврзани со случаите Рекет, каде тој е неправосилно осуден на 9 години затвор и Меѓународен сојуз, судење кое е во доказна постапка.

Матеја Петровски