Муслиманите слават „Рамазан Бајрам“, изутрината во Мустафа -пашината џамија мнозинството без маски



ИЗВОР: АЛФА

Џамиите преполни со муслимански верници за време на „Рамазан Бајрам“. Дел со маски а голем број од верниците без никаква заштита на лицето. По едномесечниот пост, во кој муслиманите се воздржуваат од храна и пијалоци од зора до зајдисонце, утрото во 5 часот во сите џамии се служеше Бајрам-намаз. Секој си носеше свој ќилим за молитва а растојанието помеѓу верниците се одржуваше колку што имаше  простор внатре и во дворот на џамијата. За разлика од Велигден, кога пред скопскиот Соборен храм вриеше од полиција, утрото пред џамијата кај Калето само неколкумина полициски службеници.

Верниците пак, убедени дека протоколите се почитувале колку што се можело, а новите рестриктивни мерки ќе дадат резултат ама не во целост, велат требаше да се продолжат досегашните мерки. Тие што дојдоа на молитвата без маска избегнуваа да зборуваат пред камера.

Првиот човек на Исламската верска заедница Реисот Шаќир Фетаху смета дека верниците добро се придржувале кон протоколите за заштита од корона вирусот и денеска и во текот на 30- дневните пости кога посетувале џамија.

Поглаварот по молитвата ги повика верниците да слават ама и да ги почитуваат протоколите.

Инаку минатата пандемиска година за разлика од христијанскиот празник Велигден кој верниците го поминаа во 4-дневен полициски час, муслиманите можеа да ги посетат верските објекти за Рамазан Бајрам  а забрана за движење имаше од 11 часот предпладне. Оваа година, празниците Велигден и Рамазан Бајрам верниците ги слават без рестрикции, а вечерва на полноќ започнуваат новите ограничувања – полициски час до 4 часот наутро.