Моќни членки на НАТО бараат Зоран Верушевски да биде сменет и пратен за амбасадор во Израел!? Рокот беше до 31 мај



ИЗВОР: ВО ЦЕНТАР

Моќни земји членки на НАТО и моќни пријателски служби му сугерирале на македонскиот државен врв дека е дојдено време за втора дипломатска мисија на разузнавачот Зоран Верушевски. Тој сега ја има фунцијата советник за национална безбедност во кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Во 2006 година, во претседателскиот мандат на Бранко Црвенковски, Верушевски беше испратен да биде советник во Амбасадата на Македонија во Рим. Тој  своевремено изјавуваше дека сакаат да го ликвидираат структурите во државата што шверцуваат нафта, цигари и акцизна стока. Не наведуваше имиња, но тврдеше дека има документација за заканите, и за нив разговараше со тогашниот јавен обвинител Александар Прчески.

Сега било сугерирано Верушевски да биде предложен за нов македонски амбасадор во Тел Авив, односно во Израел и на таков елегантен начин да биде разрешен од функцијата советник за национална безбедност.

Тоа требаше да биде направено до 31 мај оваа година, но досега не е повлечен чекор во тој правец.

Инаку името на Верушевски се споменува и се врезува со двете големи афери со прислушкување во Македонија, Големото уво во 2001 и Вистината за Македонија во 2015 година. Во два наврати Верушевски беше на чело на македонските тајни служби.

Освен за Верушевски се почесто се зборува и за можна смена на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и негово одење во дипломатија. Тој веќе беше амбасадор на Македонија во Белград, а од таа позиција потоа беше избран на функцијата директор на Агенцијата за разузнавање во мандатот на Бранко Црвенковски.

Третата личност од разузнавачкото миље за која се бара да биде дистанциран од политичките партии е поранешниот советник на Ѓорѓе Иванов, Синиша Алексовски.

Тој е сега близок до лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и до групата на вториот човек на таа партија, Александар Николоски. На сугестијата на амбасадорите на две моќни членки на НАТО дека е добро Мицкоски да се дистанцира од Алексовски, не била прифатена од Мицковски, но тој најавил дека размислува по локалните избори, ако остане на чело на ВМРО ДПМНЕ, да се ослободи од Александар Николоски и Антонијо Милошоски.