Мицкоски не ја разбрал поканата, избори нема – Фокус


Христијан Мицкоски не ја разбрал или не сакал да ја разбере суштината на поканата за средба. Во ек на економска криза кога лидерите во светот зборуваат за поддршка на граѓаните, тој поставува услови за средба само ако има предвремени избори, реагира СДСМ по изјавите од ВМРО-ДПМНЕ дека Мицкоски ќе прифати средба со новиот премиер кој треба да биде изгласан викендов, само доколку на неа се разговара за предвремени парламентарни избори.

-Избори нема да има, треба да се посветиме на надминување на економските предизвици и финансиска поддршка на граѓаните. За тоа треба да разговараме и заедно да гласаме во Собранието за овие приоритетни теми. Избори значат нов трошок, нова неизвесност и нов застој на целата економија. Покрај ова, новата владата предводена од СДСМ и Димитар Ковачевски има полн капацитет и целосен легитимитет да го истера мандатот до крај, односно до 2024 и оттаму избори не се во план, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ како што објави Фокус утрово кажаа дека се уште е рано да се одговори на повикот за средба што вчера го упати мандатарот, Ковачевски до Мицкоски.

-Да не брзаме, нека го изберат прво некредибилниот премиер, нека стигне поканата за средба, па потоа ќе разговараме за средбата и за теми, изјави за Фокус висок партиски функционер.

Пратеникот Антонио Милошоски пак во изјава за медиумите кажа дека ваква покана ќе биде прифатена само ако се разговара за предвремни избори.

-Таква покана сè уште не стигнала до ВМРО-ДПМНЕ, но доколку стигне ќе биде прифатена под услов на средбата Ковачевски – Мицкоски да се разговара за предвремени избори како единствено логично решение за излез од сегашната длабока криза во која што се наоѓа државата, да се разговара за содржината на одговорите кои Македонија ги има дадено до официјална Софија на нивно барање по формулата 5+1 за кои што ниту јавноста, ниту Собранието, за жал, не се запознаени и тоа е дел од невладината нетранспарентност, рече Милошоски.

 

ИЗВОР. ФОКУС