Локалната самоуправа во Неготино сака во тајност да протурка сомнителни загадувачки индустрии! – Фокус


Здружение на граѓани Ековита од Неготино реагира дека најавеното планирање на изградба на гасна централа за согорување на комунален отпад во Неготино, кое го спомна премиерот Зоран Заев неодамна, а за кое градоначалникот Тони делков писмено им одговорил дека воопшто не е дискутирано на Советот и во општината за инвестирање на гасна централа во Неготино, е нешто кое не смее да се дозволи да се случи во градот.

Тврдат дека инвестирањето во гасни централи за согорување на комунален отпад е дополнителен голем ризик за здравјето на жителите од Општина Неготино, кој ќе предизвика огромна аерозагаденост. Обвинија дека Локалната самоуправа работи нетранспарентно, нема искреност и не ги информира граѓаните, со што предизвикува сомнеж дека се привлекуваат сомнителни инвеститори со загадувачки индустрии, како што беше и случајот со депонијата и фабриката за РДФ гориво минатата година во Неготино.
Сметаат дека е прекршена Архуската конвенција, дека за вакви прашања, надлежните државни и локални органи треба да ги информираат и да го почитуваат и мислењето на локалните жители.

– Advertisements –

Реакцијата на Ековита ја пренесуваме во целост:

-Како Здружение на граѓани работиме на заштита на животната средина. Минатата година организиравме граѓанска иницијатива со собирање на потписи за стопирање на одлука на советот за изградба на депонија за индустриски отпад во близина на Неготино, во тоа делумно успеавме, се стопира постапката за изградба на депонија, но не се одржа локален референдум.

Сметавме дека граѓанската иницијатива ќе донесе поука за сите нас, но за жал локалната самоуправа не научи ништо од оваа иницијатива. Духовите повторно се разбудија откако на социјалните медиуми се појави видео во кое една новоформирана фирма од Неготино се огласи дека ќе селектира комунален отпад и со пиролиза (разложување на висока температура без кислород) ќе го разложува отпадот во гасовита состојба која потоа ќе се согорува во котел за добивање на електрична енергија.
Се обративме до советот на општината за да ни ја објаснат за оваа сомнителна нова инвестиција.

Но локалната самоуправа, претседател на совет, советници, секретар не уверуваа дека првпат слушаат за оваа инвестиција.
Но кога општината се пофали на официјалната веб страна за донација на 8000 заштитни маски од инвеститорот на оваа гасна централа, писмено се обративме до советот на општината за да ни даде информации од јавен карактер за оваа инвестиција.
Писмен одговор ни даде градоначалникот дека воопшто не е дискутирано на советот и во општината за инвестирање на гасна централа во Неготино.

Во исто време за време на посета во Неготино, премиерот во изјава спомна дека планира да се градат три гасни централи за согорување на комунален отпад за производство на електрична енергија во Неготино, Битола и Скопје.
Откако се обративме до државни служби на највисоко ниво, добивме писмено известување дека согласно Законот за стратешки инвестиции, предложената инвестиција сеуште е во фаза на разгледување. Веднаш кога ќе има конкретен предлог договор, тој ќе биде јавно објавен. Дополнително, ќе биде испратен и во вид на предлог закон до Собранието на Република Северна Македонија.

Како здружение сметаме дека е прекршена Архуската конвенција, дека за вакви прашања, надлежните државни и локални органи треба да ги информираат и да го почитуваат и мислењето на локалните жители. Во спротивно, ќе се соочат со нивното незадоволство.
Наместо да донесе прави инвеститори со нови безбедни технологии, вработување и задржување на младите, локалната самоуправа во Неготино во тајност повторно сака низ мала врата да протурка сомнителни и загадувачки индустрии.

Со најавите дека ќе се продава и активира термоелектраната Неготино, инвестирањето во гасни централи за согорување на комунален отпад е дополнителен голем ризик за здравјето на жителите од Општина Неготино, која ќе предизвика огромна аерозагаденост.Не се сериозни изјавите дека ќе се добива зелена енергија од комунален отпад, бидејќи тој е со нестандарден состав.
Постои ризик и можност и за увоз на репроматерјали за РДФ гориво кои се дозволени со новиот закон кој се донесе минатата година, Европските земји за да се ослободат од својот отпад ги субвенционираат купувачите и бесплатно им ги транспортира својот балиран отпад до Солунското пристаниште, тоа се случи и во Македонија каде се користеше за печките во една скопска фирма.Исто така имаше скандал каде се откри дека во една бугарска термоелектрана се согоруваше отпад од Италија.
Не смееме да дозволиме ова да се случи во Неготино!

Локалната самоуправа работи нетранспарентно, нема искреност, не соработува и не ги информира граѓаните, а тоа предизвикува сомнеж дека се привлекуваат сомнителни инвеститори со загадувачки индустрии, како што беше и случајот со депонијата и фабриката за РДФ гориво минатата година во Неготино.
За жал овие инвестиции им дава лоша слика на нашите млади кои го напуштаат регион загрижени за своето здравје – еколошка миграција – наведуваат од здружението.

Вики Клинчарова

ИЗВОР. ФОКУС