Косово не дозволува Србите да гласаат на референдумот – Фокус


Kосовската влада да им дозволи на Србите да гласаат на претстојниот референдум организиран од Србија, повика денеска меѓународната заедница.

Во заедничката изјава на неколку западни земји, се изразува жалење што косовската влада не дозволи Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да собира гласачки ливчиња од Косово.

– Advertisements –

Инаку, Србија на 16 јануари организира референдум за измена на Уставот во областа на правдата.

„Ја повикуваме косовската влада да им дозволи на Србите во Косово да го остварат своето право на глас на изборите и изборните процеси во согласност со воспоставената практика, а владите на Косово и Србија да се воздржат од тензични акции и реторика“, стои во заедничката изјава на Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, САД и ЕУ.

Сепак, косовските институции одлучија да не дозволат одржување на српски референдум на територијата на Косово.

Во заедничкото соопштение на Претседателството, Владата и Собранието се наведува дека со одржувањето на референдумот се прекршуваат Уставот и законите на Косово, како и меѓународните практики.

Ставот на Приштина е дека Србите со двојно државјанство ќе можат да гласаат преку пошта или преку Канцеларијата за врски во Приштина.

„Оваа практика на Србија, која го следи рускиот модел, ја има целосната поддршка од Руската Федерација, со што ги докажува нивните тенденции за брза дестабилизација на нашиот регион и ги поништува успесите што Косово и регионот ги постигнаа во партнерство со пријателски демократски земји“, соопштија косовските власти.

ИЗВОР. ФОКУС