Ковид бранот во образованието се шири – надлежните смируваат



ИЗВОР: АЛФА

Корона вирусот се шири во училиштата, но Министерството за образование барем за сега нема намера да го менува моделот на настава и покрај апелите на лекарите – итно да се затворат училиштата, последниот збор би го имала Комисијата за заразни болести.

Дали се губи  контролата врз пандемијата, дали има ризици по здравјето на учениците, зошто се шири вирусот во училиштата – дилеми кои до сега остануваат нерешени.. До сега, според последните информации на Министерството, заразени се близу 600 ученици во основните и средните училишта. Лекари кои работат со ковид пациенти, сведочат за тоа дека во овој бран, не се поштедени ниту најмладите, а голем дел од нив мора да побараат и лекарска помош. Според она што се случува на терен, алармираат веднаш да се промени моделот на настава, бидејќи во училиштата нема никаква контрола врз вирусот.

Имам млади пациенти со ковид, и основци и средношколци. Има случаи каде поради неможност да се тестираат, бидејќи нема термини, седат дома и сами се изолираат. Вирусот брзо се шири во училиштата и затоа треба под итно да се затворат. Јасно е дека кај децата вирусот се манифестира со полесна клиничка слика во 80% но останатите 20% развиваат висока температура, д-димерите им се покачуваат а некои дури имаат потреба од хоспитализација и кислорот.  Освен носење маски, во училиштата не се почитува ни една друга мерка, а тоа е уште полошо за нивното здравје, бидејќи носење маска подолго време им предизвикува главоболки – вели др. Весна Стојанова Атанасова.

Министерката Царовска постојано убедува – немало трансмисија на вирусот. Сепак бројките на новозаразени го покажуваат спротивното. Се поставува прашањето каде е грешката и дали овие мерки кои ги донесе МОН во координација со Комисијата за заразни болести се доволни.

За  хаосот во училиштата алармираше и Народниот правобранител –кој до МОН испрати допис со сите поплаки од родители и ученици за реализацијата на наставата. Долгите часови поминати со маска во училница на децата им преставува проблем, а во одредени училишта родителите се принудени самите да купуваат средства за хигиена во тоалетите. Министерката не ги зеде овие апели здраво – за готово. Според неа, Комисијата е таа која треба да одлучи како понатаму ќе се одвива наставата.

Дека се потребни дополнителни мерки, покажува и барањето на Детската амбасада Меѓаши која реагираше за нетранспарентност на МОН. Оттаму побараа да се воведе задолжително бесплатно тестирање за сите ученици и персонал во училиштата и наставата да се одвива на отворено додека дозволуваат временските услови.

Адријана Алексиеска