Кавги за кандидатурите во СДСМ – Сугарески за Прилеп, Весковски за Карпош



ИЗВОР: АЛФА

Веќе познати имиња и кадри кои дефилираат во политиката со години – ова ќе биде најдобрата понуда на СДСМ за локалните избори. Во мачна атмосфера и бројни несогласувања извршниот одбор на партија утврдил уште 16 кандидати со кои СДСМ ќе влезе во трка за локалната власт. Иако првично беа пуштени информациите дека раководството се договорило за кандидатите на поголемите општини низ Македонија, сепак тоа не го слушнавме. Официјално во скопски Карпош наместо Стефан Богоев СДСМ му ја дава довербата на Душко Весковски. Иако Богоев не доби доверба за нов градоначалнички мандат, сепак партијата му ветила висока државничка функција како благодарност за направеното.

Информациите кои кружат во јавноста велат дека врие на Бихаќка, особено што раководството на СДСМ влегло во жестоки кавги, па не било единствено во изборот на кандидатите. Но генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски демантира дека имало кавги.

 Во Свети Николе СДСМ оди со актуелниот градоначалник Сашо Велковски. Хемди Алезовиќ во Тетово. Во Сопиште СДСМ излегува со името на Сашо Стојановски. Во Јегуновце актуелниот градоначалник Дарко Блажевски повторно ќе се обиде да ја добие изборната трка. Во Кавадарци кандидат е Горан Тодоров, претседател на општинска организација. Влатко Бојковски во Кратово. Во Чешино Облешево Горан Крстев. Виктор Ангелов за Зрновци. Во Илинден најголем рејтинг имал бизнисменот Александар Тодоровски. За Демир Хисар победа во прв круг СДСМ најавува со Стевче Митревски. Со нов кандидат и во Ново Село, Ѕвонко Иако првично се споменуваше името на поранешниот пратеник Марјанчо Николов како можен кандидат за Велес, сепак партијата се одлучила за Ненад Коциќ, актуелен пратеник. Во Брвеница актуелниот градоначалник. Мирко Стојановски.

И официјално  поранешниот пратеник и прв човек на Царина Горан Сугарески е потврден кандидат за Прилеп. Во скопската општина Аеродром, ќе се оди со нови имиња.. Пратеникот Александар Филиповски, кој го наследи Павле Богоевски во парламентот, официјално, ќе биде кандидатот на СДСМ за градоначалник на Аеродром, со што Златко Марин излегува од игра за изборната трка.

Но кој ги носи одлуките во СДСМ – раководството или Заев? Ваквото прашање се наметнува откако поранешната висока функционерка на СДСМ Софија Куновска во статус на фејсбук пишува дека Извршниот впрочем и секогаш до сега служеше да го овласти Заев да си носи сам одлуки. Сите приказни за внатрепартиска демократија и истражување на јавно мислење се гола реторика, ветер и магла, пишува Куновска.

Натегањата за локалната власт во Куманово влегуваат во поголеми размери. Партиските анкети како фаворит го истакнуваат актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, но крилото на министерот Оливер Спасовски не сакало ниту да чуе за негова доверба за уште еден мандат. По неофицијалните информации кои се споделуваат  во однос на трката за општина Центар , се поизвесно е дека ниту актуелниот градоначалник Саша Богдановиќ веќе не се вклопува во математиките на партијата, па не се исклучува можноста Богдановиќ да како независен кандидат да влезе во трката за нов мандат.

Ивана Соколовиќ Најдова