Интеграцијата на Македонија во ЕУ не смее да се одложува – Фокус


Премиерот Зоран Заев на денешната билатерална средба со германската канцеларка Ангела Меркел, ги изнесе позициите на Република Северна Македонија во однос на потребата за забрзување на евроинтеграциските процеси и за што побрзо решавање на проблемот кој го наметна соседна Бугарија. Како што се наведува во владиното соопштение од средбата, Заев нагласил дека единствен прифатлив предлог за нашата земја за надминување на блокадата на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со ЕУ, со кој се почитуваат заложбите и на двете страни за унапредување на меѓусебните односи и за евроинтегративните процеси во регионот.

На билатералната средба, премиерот Заев исто така се осврна и на иницијативата Отворен Балкан која се темели токму на принципите на функционирање на Европската Унија.

– Advertisements –

-Нам ни е потребно што е можно побрзо решавање на политичките пречки и интегрирање на Северна Македонија во ЕУ. Ние успешно ги завршивме нашите домашни задачи, но тоа не значи дека запираме тука, напротив секој ден работиме и се бориме за подобро утре за нашите граѓани, истакна премиерот Заев на билатералната средба со канцеларката Меркел.

Канцеларката Меркел, како што се наведува во соопштението, се согласи со владината делегација дека ЕУ интеграцијата и на Северна Македонија и на регионот не смее да продолжи да се одложува и дека постојаниот напредок е нотиран од страна на сите релевантни европски институции и меѓународни партнери на државата.

Заев и канцеларката Меркел разговараа и за трговската размена помеѓу двете држави и за дополнително унапредување на економските инвестиции во државата со оглед на поволната бизнис клима која ја прави Германија број еден трговски партнер на Северна Македонија во континуитет со години.

ИЗВОР. ФОКУС