Еден Заев сега, друг во опозиција: Со барање оставки собираше политички поени, сега биле политизирање



ИЗВОР: АЛФА

Еден Заев сега, сосем друг Заев додека беше во опозиција. Истиот човек кој сега не ја прифаќа оставката на Венко Филипче, велејќи дека станувало збор за политизирање на случајот, до пред само четири години беше човек со сосем различни ставови. Тогаш за речиси се и сешто бараше оставка од функционерите.

Највеќе на удар беа екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, од која се бараше одговорност поради случајот со Мартин Нешковски, како и екс првиот човек во македонското здравство, Никола Тодоров. Причина поради која тогаш се бараше оставка од него, беше смртта на малата Тамара. Тој дури го доби и епитетот министер за смрт.

-Моето прашање за господинот Тодоров, а можете и вие господине Димитриев да одговорите, дали мисли да понесе конечно одговорност, бидејќи во јавноста познат како министер смрт, или вие вас ве прашувам директно дали имате намера како претседател на Владата да го разрешите од позицијата министер за здравство, со цел да се спасите себеси, нас и македонските граѓани, велеше Шилегов.

За оставките на Тодоров и Јанкуловска беа организирани и големи протести. Човечките трагедии беа користени за добивање политички поени. Но, само неколку години подоцна, за истиот тој Заев сега било политизирање да се бара одговорност поради трагедијата во Тетово која однесе 14 животи.

Случувањата последниов период доведоа до очигледна зголемена нервоза кај премиерот. Заев на најобично новинарско прашање дали барем помислил за морална одговорност, со видно нервозен тон одговори дека за такво нешто не размислувал.

-(ДАЛИ ВИЕ ЛИЧНО РАЗМИСЛИВТЕ ЗА ОСТАВКА ОД МОРАЛНИ ПРИЧИНИ ПОРАДИ ОВАА ТРАГЕДИЈА?) За што Мицкоски да дојде премиер да биде? Не размислувам, затоа што ќе бидат премиер или заменик премиер претседателот на Алијанса, кога ќе заслужат, кога ќе имаат емпатија со народот, кога ќе бидат тука да помогнат, кога ќе дадат идеи, а не вака грозотијата да ја користат на навистина на најперфиден, најлош начин.

Нервозата на Заев предизвика бес и кај обичните граѓани, откако тој го нарече банално барањето за одговорност за големата трагедија.

-(КАЖАВТЕ ДЕКА НЕМА ДА ПОНЕСЕТЕ ЗА ДА НЕ БИДЕ МИЦКОСКИ ПРЕМИЕР, ДАЛИ ТОА ЗНАЧИ ДЕКА ВИЕ СТЕ ЕДЕН И ЕДИНСТВЕН И ВО ВАШАТА ПАРТИЈА НЕМА НЕКОЈ СПОСОБЕН ДА ВЕ ЗАМЕНИ?) Мислам дека ниту е соодветно на почитта кон пензионерите, ниту кон манифестацијата која ја имаме. Никако нема да дозволам понатаму да навлегувам во делот одговарање на прашањето, затоа што сигурно и вие приметивте дека станува банално ова целото ова. (ШТО БАНАЛО ПРЕМИЕР ДА СЕ БАРА МОРАЛНА ОДГОВОРНОСТ ЗА ТРАГЕДИЈА?) Моралната одговорност е испорачана господине новинар од страна на директорот, економскиот директор, заменик министерот и министерот.

Инаку, оставки до Заев понудија министерот за здравство, неговиот заменик, како и двајцата директори на тетовската болница. Но истите премиерот се уште не ги прифаќа, велејќи дека ќе чекал истрагата да заврши.

Матеја Петровски