Европа на нозе. Демонстрации против новите мерки. Протестите задушени со солзавец и водени топови



ИЗВОР: ВО ЦЕНТАР

Низ цела Европа, граѓаните протестираат незадоволни од воведените или најавените мерки, како и најавата за задолжителна вакцинација. 

Грчката полиција денеска мораше да употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите во Атина, кои протестираа против задолжителната вакцинација.

Повеќе од 4.000 луѓе се собраа пред грчкиот парламент, по трет пат овој месец, во знак на протест против најавената имунизација за одредени работници, како што се здравствените работници, објави Ројтерс.

Полициски службеник, кој инсистираше на анонимност, рече дека некои демонстранти фрлале молотови коктели, па полицијата одговорила со солзавец.

Насилства имаше и на протестите во средата.

Неодамнешните анкети покажуваат дека повеќето Грци би сакале да примат вакцина против ковид-19, која одзеде 12.890 животи од почетокот на пандемијата во таа земја.

Досега, 45 проценти од населението во земјата со околу 11 милиони жители е реавакцинирано.

Скоро 2.500 новоинфицирани лица се евидентирани во Грција денес, така што 474.366 лица се разболеле од ковид од почетокот на пандемијата.

Илјадници луѓе протестираа денес ширум Италија против одлуката на италијанската влада да воведе рестриктивни мерки за невакцинирани граѓани, во време кога Рим се обидува да го забави зголемувањето на бројот на заболени од ковид-19.

Слобода и Долу диктатурата, демонстрантите извикуваа од Неапол на југ до Торино на северот на земјата, додека од дождот накиснатите демонстранти во Милано извикуваа Без зелени пропусници, пренесува Гардијан.

Повеќето од собраните не носеле маски.

Денеска во Загреб се одржа протест против мерките за сузбивање на вирусот корона наречен Крик за слободата.

Илјадници луѓе пешачеа од Главната железничка станица до плоштадот Бан Јелачиќ против мерките, одлуката на владата и Штабот за цивилна заштита, но и вакцинацијата, пренесува Дневник.

Протестот го следеше полицијата и не беа пријавени никакви инциденти.

Според Дневник, демонстрантите биле без маски и не држеле дистанца.

Демонстрантите кои се противат на вакцинацијата и демонстрантите кои се против ограничувањата против ковид-19 во Франција денеска се судрија со полицијата во центарот на Париз, поради што силите за интервенција користеа солзавец, јави телевизијата БТМ.

Освен во Париз, протести имаше и во Марсеј, Монпелје, Нант и Тулуз, објави Ројтерс.

Француските пратеници претстојниот викенд треба да гласаат за законот подготвен од владата, чија цел е донесување здравствени легитимации и задолжителни вакцинации за здравствените работници.