Две средни училишта земале пари за свидетелства – инспекторите бараат да им се вратат парите на учениците



ИЗВОР: АЛФА

Се потврдува скандалот кој го објави Сојузот на средношколци дека училишта во земјава им наплаќале на учениците за свидетелства и покрај законот кој предвидува целосно бесплатно основно и средно образование. По иницијативата на Сојузот, Просветниот инспекторат извршил увид во четири училишта. Раководителите на медицинското училиште во Тетово и гимназијата во Прилеп им собирале пари на учениците за да добијат документ за завршена школска година и стекнат успех.

Во ОСМУ „Никола Штејн“ Тетово, од извршениот вонреден инспекциски надзор се утврдени неправилности во работењето на субјектот, односно, дел од класните раководители годинава имаат собирано парични средства за изготвување на свидетелства. Во СОУ „Мирче Ацев“ Прилеп, од извршениот инспекциски надзор се утврдени неправилности во работењето на субјектот односно, дел од класните раководители на IV година имаат собирано по 30 денари за изготвување на свидетелства – информираат од Државниот просветен инспекторат.

Од Државниот просветен инспекторат им укажаа на раководителите да ги вратат парите на учениците кои биле приморани да плаќаат за документ кој законски им следува. Уверуваат дека и понатаму ќе ја следат состојбата со цел да се почитуваат законите од страна на училиштата.

На ова реагираше и Народниот правобранител. Апелира до учениците на кои нема да им бидат вратени парите да се обратат на бесплатната телефонска линија 0800 88 500. Од институцијата бараат надлежниот инспекторат да им наложи на училиштата да не ги условуваат учениците да плаќаат за обезбедување на потребните документи од нивниот стекнат успех.

Адријана Алексиеска