Дали Заев најавува оставка ако ВМРО ги добие Скопје и повеќето општини? – Фокус


Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев вчера на прес-конференција ги повика граѓаните на обединување и кажа дека народот на 31 октомври, кога треба да се одржи вториот круг на локални избори, ќе одлучи дали воопшто земјава ќе оди напред и ќе се определи за демократија и слобода или ќе се врати во минатото на режим и молк.

Одговарајќи на новинарско прашање што доколку не се случи тоа обединување на кое повикува, Заев одговори дека тој и влада предводена од него, не може да продолжи ако Градот Скопје и другите општини одат назад односно во спротивен правец од целите на Владата.

– Advertisements –

Banner NISSAN_Okt_300x250

Со овој одговор, Заев отвори дебата во јавноста дали најавува или се заканува со оставка доколку опозициската ВМРО-ДПМНЕ победи во Скопје или другите општини. На самата прес-конференција имаше уште едно директно прашање дали тоа значи дека ќе си даде оставка ако во Скопје победи ВМРО-ДПМНЕ, но Заев го повтори истиот одговор.

„Фокус“ и денеска го праша Заев дали неговиот вчерашен одговор значи дека ако опозицијата победи во повеќето општини и Скопје, тој ќе си даде оставка од функцијата премиер и претседател на партијата. Сепак, Заев не одговори конкретно. – Вчера кажав што имам да кажам и мислам дека беше многу јасно. Немам што да додадам, ни одговори кратко Заев.

-Селата и градовите и Градот Скопје не може да влечат назад преку своите први луѓе, а владата да оди напред. Еве низ примерот на Скопје, јас можам, а и влада предводена од мене да го чувам, негувам и унапредувам концептот едно и еднакво општество за сите, да обединувам, ако Скопје не даде поддршка на спротивното од тоа, на тие што се националисти, што разединуваат, па макар и колку сака да се скриени позади наводно независна кандидатка или замаскирани позади коалиции со единствена цел, власт, моќ и пари. Јас можам, а и влада предводена од мене да успеваме во интеграциските процеси, ако скопјани каде што е најинформираниот и најупатениот наш народ, не дадат поддршка со мнозинство гласови на тие што веднаш ќе нѐ скараат со Грција, Бугарија, со Албанија, со Србија, со Косово. Јас можам, а и влада предводена од мене да продолжи да го помага развојот на Скопје преку нови паркови, мостови булевари, забавни паркови, ако скопјани не дадат поддршка на тие кои ќе прават нови кичераи, споменици, шмизли. Народот на 31 ќе одлучи дали ќе одиме напред или ќе се враќаме во минатото кое многу добро го знаеме, рече Заев во дел од својата изјава.

Потоа следуваа прашањата што ако не се спроведе ова и дали тоа значи оставка, на што Заев уште еднаш повтори дека тој не може да води влада, ниту влада предводена од него да ја движи напред, ако Градот Скопје и другите општини одат назад, односно се движат во спротивен правец.

Во првиот круг на локалните избори што се одржа на 17 октомври, најмногу општини, 22, освои опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ доживеа голем пораз и освои девет општини. Заев вчера рече дека добиле жолт картон од граѓаните и дека доколку не го слушнат нивниот глас, може овој картон да стане црвен и вети итна промени.

Ф.Ф.С.

ИЗВОР. ФОКУС