Вучиќ оди до крај. Веља Невоља ќе остане цел живот во затвор!? Обвинение на 322 страни. Битка до истребување во Белград



ИЗВОР: ВО ЦЕНТАР

Српското обвинителство за организиран криминал побара доживотен затвор за двајца водачи на криминален клан и нивните соработници, кои се обвинети за серија убиства, трговија со дрога и оружје, киднапирање и силување.

Обвинението на 322 страници беше поднесено против Вељко Беливук и Марко Миљковиќ и 29 други членови на нивната криминална група, а доказите за овие злосторства и голем број други обвиненија беа испратени до судот за потврда, објавија порталите и белградските медиуми.

Обвинителството бара најстроги казни за обвинетите Беливук и Миљковиќ и предлага доживотен затвор.

Беливук и Миљковиќ беа уапсени на 4 февруари оваа година и тогаш се приведени под сомнение дека организирале криминална група која извршила голем број најтешки злосторства, криејќи се зад навивачката група „Принципи“.

Белградските таблоиди, под влијание или контрола на владејачката коалиција, предводена од Српската напредна партија на српскиот претседател Александар Вучиќ, со денови објавуваа полициски и обвинителски истраги што ги поврзуваат Беливук, Миљковиќ и нивните соработници со монструозни убиства, масакри, осакатување на противници и дури и нивно мелење во индустриска мелница за месо.

Минатата недела, обвинителот Младен Ненадиќ, покажувајќи дека се води истрага против 31 лице за пет тешки убиства, трговија со дрога и оружје, едно киднапирање и едно силување, им покажа на новинарите необјавени фотографии што ќе се користат како доказ.

Белградски Вечерње новости тврди дека фотографиите се од комуникација на членовите на групата, запленети од апликацијата Скај и добиени преку меѓународна правна помош од западноевропска земја.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој честопати категорично зборуваше за злосторствата на групата Беливук-Миjковиќ во своите јавни настапи во последните недели, рече дека е сигурен дека обвинението на обвинителот „ќе биде ремек-дело“.

Во пресрет на обвинението, српската опозиција во последните недели го обвини српскиот претседател и неговиот СНС за создавањето Беливук и неговата криминална група.

Во исто време, СНС, Вучиќ и неговите најблиски соработници во контролираните медиуми возвраќаат со обвинувања дека опозицијата го поддржува криминалниот клан Беливук-Миљковиќ со цел за политички причини секојдневно да ја оспоруваат борбата на државата и владејачката коалиција против организираниот криминал и суровите убици.