Во прилепските детски градинки, нема место за уште најмалку 450 деца



ИЗВОР: АЛФА

Олабавувањето на Ковид-мерките, повторно значително го зголемува притисокот врз шестте детски градинки од ЈУДГ „Наша иднина“ во Прилеп. Капацитетот од 617 места целосно е исполнет, а најмалку 450 деца се ставени на листата на чекање која пак, секојдневно се зголемува и не се знае кога и дали овие деца ќе дојдат на ред. Родителите се жалат дека биле принудени да фаќаат „дебели“ врски за да ги згрижат своите деца.

   „Недостигот од места во прилепските детски градинки, е хроничен и многугодишен“, признава и директорот на Градинките, Орце Тодороски, и додава дека, заради Ковид-протоколите, овој сериозен проблем, сега станувал уште поголем.

 „Имаме четири нови воспитни групи во други просторни услови во самите објекти. Тоа се некаде околу 80-тина дечиња и тоа вака ни ја олеснува работава, бидејќи имаме голем наплив. Сите сакаат да ги носат децата во детските градинки…Од минатиот месец, од Министерството за труд и социјална политика имаме наредба во сите детски градинки, секој родител – денеска – дошол и денеска ќе биде запишан на листата на чекање. Имаме секако, некаде околу 450 деца“, – вели директорот на ЈУДГ “Наша иднина“, Орце Тодороски.

    Иако овој проблем трае со години, изградбата на новата градинка, која беше едно од главните предизборни ветувања на оваа власт, конечно започна дури пред два месеци, иако во изминатите три години редовно се најавуваше како капитален проект кој само што не финиширал. Вредноста на новата градинка е 133 милиони денари, со капацитет за околу 250 деца и според оптимистичките најави на властите, треба да биде готова до почетокот на новата учебна година. Засега, ископани се само темелите. Од друга страна, Советот на општина Прилеп, на последната Седница, минатиот месец, префрли 60 милиони денари, пари како вишок од сметката за блок-дотации на сметката на основниот Буџет на Прилеп, иако претходно имаше тврдења дека парите за Градинката веќе биле обезбедени.

  Инаку, при поставувањето на камен-темелникот за Градинката, на 2-ри април годинава, а на кој присуствуваше и премиерот Заев, министерката Шахпаска се пофали дека до крајот на годинава ќе биле изградени 14 нови градинки во повеќе градови во земјава. 

Каролина Дурло