Бројните афери не му пресудија, Алтернатива и спасот на Владата го сменија Филипче



ИЗВОР: АЛФА

Најде ли премиерот Зоран Заев најбезболен начин, без помпа и без одговорност, да го тргне министерот за здравство Венко Филипче чиј мандат беше проследен со низа скандали? Ваква дилема се наметна откако во новиот дил помеѓу Заев и Гаши токму Министерството за здравство е најспоменуваниот сектор. Филипче, кој на функцијата е без малку четири години, се поврзуваше со повеќе скандалозни набавки, меѓу кои и онаа од 2018-тата за набавка на реагенси како дел од проектот за централизација на лабораториите за ЈЗУ, вредни неверојатни 35 милиони евра и тоа без тендерска постапка. По бурните реакции во јавноста, министерот ја поништи набавката, а Обвинителството отвори предмет за овој случај.

Името на министерот Филипче беше поврзано и со случајот „Рекет 2“, т.н обид на надлежните во здравството да одвратат странски инвеститор заинтересиран да го купи приватниот центар за дијализа „Дијаверум“.

Опозицијата, пак, обелодени скандал со изградба на две хадиенди на Водно, каде исто така се споменуваше името на министерот за здравство. Имено, според документите што тогаш ги објави ВМРО ДПМНЕ, бабата на Филипче градела огромни куќи на атрактивна локација во Нерези и тоа со инвеститор кој истовремено бил и сопственик на фирма што редовно добивала милионски тендери за набавка на медицинска опрема за време на министерувањето на Филипче.

Министерот Филипче беше во фокусот на јавноста и со набавката на вакцините против Ковид 19. Откако јавноста и стручната фела му замери на министерот оти доцнел до склучување на договорите за набавка на вакцини, италијанскиот весник „Ла Верита“ пак обелодени дека авансот даден на кинескиот производител „Синофарм“ и бил вратен на земјава бидејќи набавката требало да се изврши преку фантом фирма, со седиште во Хонг Конг, која немала стабилни темели, но имала големи финансиски депозити во германската „Дојче банк“.

Јавноста преку социјалните мрежи во повеќе наврати му замери на министерот за здравство за носење на несоодветни и ненавремени мерки за заштита од Ковид 19. Дури и лекарите алармираа дека мерките кои се нопсат се политички а не епидемиолошки. Токму недостигот на мерки беа причина за огромниот број заразени и починати во Полошкиот регион во текот на летото, бидејќи се правеа свадби на затворено, контроли немаше, а надлежните замижуваа во интерес на економијата.

Чашата ја прели несреќата во модуларната болница во Тетово, во септември годинава каде живи изгореа 14 пациенти. Филипче понуди оставка, но таа не беше неотповиклива. Тогаш Заев тврдеше дека министерот добро ја менаџирал кризата со пандемијата и оти ова не било добар период за негова смена.

Биљана Божиновска