Алтернатива ги порасна апетитите на помалите партии- ќе им удоволи ли Заев на сите?



ИЗВОР: АЛФА

Премиерот Зоран Заев ја вдоми Алтернатива во Владата, но предизвика незадоволство кај своите коалициони партнери, чии апетити пораснаа кога видоа што доби новиот коалиционен партнер во власта. Незадоволство од одлуката Министерството за здравство да замине во рацете на партијата на Африм Гаши, изрази шефот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски.

-Став на професорот Пановски, но и на Централниот одбор на ЛДП. Несериозни се одлуките и барањето на Алтернатива за промени во ресорот здравство на сред пандемиска криза, напиша на Фејсбук Милевски.

Иако само со четири пратеници, Алтернатива доби доста важни ресори, односно дури 47 менаџерски позиции, од кои три министерски и заменик министерски. Дека Гаши добил премногу се согласува лидерот на НСДП, Тито Петковски, но потенцира го искористиле моментот за да се спаси Владата.

-Алтернатива го искористи моментот, кога на Владата навистина и треба поддршка, парламентарното мнозинство да се зголеми, Алтернатива настапи со максималистички барања, користејќи ја позицијата ако сакате да остане Владата, тука сме ние, но цената е таа и таа. Сигурно објективен проценител ќе каже несразмерно многу бара Алтернатива од СДСМ и се разбира целата коалиција која што ја поддржува Владата, изјави Тито Петковски.

А новата распределба во Владата, ги крева и амбициите кај помалите коалициони партнери во власта. Еден од нив е и Мирослав Јовановиќ, претседателот на Српската партија на Македонија.

-Ако има уште некој министер без ресор ние нема да отстапиме сигурно, ќе бараме министри без ресор. Вишок место е министерот без ресор што го зеде Алтернатива мислам, тоа е вишокот. Се договориме пред формирање на Влада, да министри без ресор повеќе нема, тогаш и ние ќе бараме министер без ресор, изјави Јовановиќ.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, смета дека оваа нова коалиција е вештачка со цел одредени лица од власта, предводени од Зоран Заев барем уште малку да си го продолжат политичкиот век.

-Во разговори со мене колоквијални сите се таму незадоволни, таму не знам кој е задоволен. Па дури и тие во СДСМ меѓу себе кажуваат изразуваат незадоволство. Пластелин коалиција е само неколку недели да продолжи политичкиот век на траење на неколкумина од врхушката на СДСМ и обид, последен обид во режија на Зоран Заев, да се доуништи и она нешто што е останато во оваа наша татковина, Македонија, изјави Мицкоски.

Незадоволство од коалициониот договор меѓу СДСМ и Алтернатива изрази и Павле Трајанов. Лидерот на Демократскиот сојуз, силно ја критикува точката 2, која предвидува меѓународна ревизија на правосилно пресудени судски предмети, како Монструм и Диво Насеље. Трајанов потенцира и дека со поголемиот број министри од албанскиот политички блок се нарушува етничкиот баланс.

Матеја Петровски