ИЗВОР: ВО ЦЕНТАР
Два бизнисмени, кои важат за блиски до црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, продадоа дел од својот бизнис во таа земја, пренесуваат црногорските медиуми.
Контроверзниот бизнисмен Брано Миќуновиќ им продал половина од својот бизнис на Турците за изградба на хотелски комплекс во Будва, пишува весникот Дан.
Турската компанија „Мерит Монтенегро“ ќе покрие половина од трошоците за реализација на инвестицијата, која е планирана во износ од скоро 17 милиони евра, а ќе биде сопственик на половина од луксузниот хотелски комплекс во центарот на Будва, објави подгорички „Дан“.
Според весникот, турската компанија се регистрирала како косопственик на земјиштето на кое треба да се гради хотел со 12 ката.
Како што објави Ин4с, Миќуновиќ е еден во низата бизнисмени блиски до режимот во заминување на Мило Ѓукановиќ, кои одлучиле во последниот месец, односно по изборите, да влезат во бизнис партнерство со компании од странство.
Според информациите на тој портал, контроверзниот црногорски бизнисмен Веселин Веско Баровиќ, исто така, одлучил да продаде голем дел од својот имот на почетокот на септември.
На 1 септември, Баровиќ објави ликвидација на отворениот инвестициски фонд „Еурофонд“, на 2 септември го продаде „Свис осигурување“, а на 3 септември префрли дел од акциите на „Мимоза хотел Тиват“.
Порталот претходно објави дека по изборите во Црна Гора, се зголемила побарувачката од Црна Гора за станови во елитните белградски населби Врачар и Дедиње, повикувајќи се на агенциите за недвижнини.
Партнерската агенција за недвижнини од Белград прими 168 барања за станови и куќи во Врачар и Дедиње, преку адвокатски канцеларии од Црна Гора. „Некој планира да не напушти“, објави агенцијата на својот Фејсбук профил.