Што поседува директорот на ФЗОМ? – Фокус


Левица денеска побара од Државната комисија за спречување корупција да го испита потеклото на како што велат, енормниот имот на директорот на ФЗОМ од редовите на СДСМ, Стево Крстевски.

Тие го обвинуваат Крстевски дека е партиски послушник и дека противзаконски деградира од работни места роднини на истакнати членови на Левица.

– Advertisements –


Согласно неговиот јавно објавен анкетен лист поседува личен имот, кој вклучува станови, удели, депозити, куќа и тоа во вкупна вредност од околу 16 милиони денари, несметајќи го и дополнителниот имот на неговиот брачен другар, кој исто така воопшто не е за потценување.

Гледајќи ја вкупната сума на имотот кој тој го поседува, легитимно е да се постави прашањето на кој начин истиот ги стекнал средствата за купување на овие недвижности, како и дали во тие средства се вклучени и финансии кои Стевчо Крстевски ги стекнал преку вршење на договорени услуги кон државата?!, прашуваат од Левица.

„Фокус“ погледна во анкетниот лист на Крстевски. Според него, тој поседува три стана, од кои еден се води на негово име, а два се водат на име на неговата сопруга. Еден стан е стекнат со наследство, еден со договор за подарок, а еден стан е купен. Сите станови се наоѓаат во Велес.

Анкетниот лист на Крстевски

Понатаму, поседува куќа на свое име од 223 метри квадратни, но според анкетниот лист куќата е проценета на вредност од шест милиони денари. Куќата е во Велес, а Крстевски ја стекнал со договор за градба.

Крстевски заедно со својата својата сопруга поседува банкарски депозити во Халк банка во вкупна вредност од 130.000 евра и 500.000 денари на денаррска платежна картичка.

Во неговиот анкетен лист стои и автомобил Киа Рио произведен и купен во 2017 година во вредност од 670.000 денари.

„Фокус“ го контактираше директорот на ФЗОМ и во текот на денот ја очекуваме неговата реакција на обвинувањата од Левица.

К.С.Б.

 

 

 

 

ИЗВОР. ФОКУС