Сметководителите не можат да го издржат темпото и роковите што ги наметнува Владата



ИЗВОР: АЛФА

Сметководителите на работ на издржливоста. Бараат итно пролонгирање на роковите за поднесување на годишни сметки и финансиски извештаи. Кратко било времето и за аплицирање на мерките од претстојниот 5-ти пакет и за истовремена подготовка на извештаите. Затоа, по примерот на Германија, Франција, Шведска и други западноевропски држави бараат годишната сметка да се поднесува до крајот на април во хартиена, односно до 15-ти мај во електронска форма, односно бараат пролонгирање од два месеци.

„Така, доколку се пролонгираат екстремно рестриктивните рокови кои се пропишани со Законот за трговските друштва ќе се зголеми квалитетот на презентираните податоци во годишните сметки и финансиските извештаи. Преку законски измени проблемите со кои се соочуваме при секое поднесување на извештаите ќе бидат системски надминати“– Грозданов.

Сметководителите се жалат дека мерките на Владата не се однапред предвидливи, се донесуваат во 5 до 12, па немаат доволно време да се разгледаат и да се аплицира за нив. Огромен товар паднал врз грбот на сметководителите, кои немаат ниту ден одмор, а Владата и по 3 години го одложувала формирањето на работна група која треба да го подготви Законот за вршење на сметководствени работи.

„Досега сите најави за измени на овој закон останаа нереализирани, вклучително и оние кои беa дел од пакетите за економски мерки. Од страна на Министерството за финансии речиси три години се најавува формирање на работна група со засегнатите страни која ќе работи на нов Закон за вршење на сметководствени работи согласно европски регулативи и стандарди со кој ќе се регулира професијата. Со тоа  ќе ни се обезбедат права кои ќе бидат соодветни наспроти многубројни обврски и ќе се придонесе за актуелизирање на професијата која е во изумирање. Регулирање на оваа професија на соодветен начин ќе даде значаен придонес и кон поефикасна борба против сива економија. Воедно бараме повлекување на сегашното решение, кое на перфиден начин вметнува член со кој се дозволува странци да работат во Македонија, но не и нашите професионалци да имаат можности интернационално“, рече Александра Андреева, член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Комората на сметководители бара во 5-тиот сет антикризни мерки да има грантови за фирмите чија дејност е вршење сметководствени работи. Сојузот на стопански комори претходно испорача 15 итни мерки меѓу кои финансиска помош од 14.500 денари по работник за исплата на плати, бескаматни кредити, директни грантови за најпогодсените сектори, намалување на ДДВ во угостителството и туризмот и други кои мораат да бидат проследени со масовна акција против сивата економија, односно нерегистрираните субјекти.

Тања Попова