Скопјани фатени на дело како превезуваат 6 мигранти



ИЗВОР: ВО ЦЕНТАР

Полицијата уапси двајца скопјани кои нелегално превезувале мигранти. Лицата на возраст од 25 и 33 години биле откриени синоќа во еден часот по полноќ во близина на клучката кај селото Прдејци на месноста викана Борови. Мигрантите се откриени откако полициски службеници запреле возило Сеат Кордоба со скопски регистарски ознаки за да извршат преглед во истото.

При контролата биле пронајдени шест лица на возраст од 14 до 17 години. Петмина од нив се државјани на Сомалија а еден од Сирија. Возачот и совозачот се лишени од слобода и после документирањето на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава, додека мигрантите ќе бидат предадени во транзиниот центар Винојуг за понатамошна постапка.

Обидите за криумчарење мигранти во последните години не се ништо ново на југот од државата. Ова го покажуваат и бројките на МВР. Во нивната статистика стои дека само лани на подрачјето на регионалниот центар Југ биле откриени 30 такви случаи во кои имало обид да бидат прокриумчарени над 1000 мигранти. Против 30 лица се поднесени вкупно 19 кривични пријави со кои се товарат за кривичното дело криумчарење мигранти.