СЗО и испорача на Гвинеја над 11.000 вакцини против ебола


Повеќе од 11.300 дози на вакцината „Мерк“, против хеморагична треска од ебола, Светската здравствена организација (СЗО) синоќа авионски и ги испорача на Гвинеја, земја во која болеста повторно се појави, јави Дојче веле.

СЗО требаше вакцините да ги достави пред два дена, но авионот од Женева не успеа да слета во Гвинеја поради облаци од прашина и мораше да биде пренасочен кон главниот град на Сенегал, Дакар.

Од тие причини авион на „United Mining Supply, компанија за транспорт и логистика во рударството во Гвинеја, отпатува за Сенегал за да ги преземе вакцините. Кутиите со логото на СЗО синоќа беа истоварени во Гвинеја во 20 часот по локално време.

Некои од кутиите со вакцини ќе бидат пренесени во Гуеке и Незерорем на југо-истокот на земјата, регион што се граничи со Сиера Леоне, Либерија и Брегот на Слоновата Коска, каде што неодамна еболата предизвика пет смртни случаи. Вакцинацијата во овој регион е закажана за денеска.

Се очекува уште 8.700 дози вакцини утре да пристигнат од САД.

Ова е прва епидемија на ебола во Западна Африка по епидемијата 2013-2016 година, во која тогаш умреа повеќе од 11.300 лица, претежно во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.

Еболата неодамна повторно се појави во Демократска Република Конго, каде умреа четири лица.

-Населението во Конго ги отфрла мерките на контрола, зголемувајќи го стравот од натамошно ширење на епидемијата, изјави официјален извор неделава.

Вирусот на ебола се пренесува на луѓето преку заразени животни. Инфекцијата меѓу луѓето се пренесува преку размена на телесни течности и нејзините главни симптоми се: треска, повраќање, крварење и дијареја.

ИЗВОР. ФОКУС