По 12 години во Црна Гора граѓаните ќе можат да имаат двојно државјанство – црногорско и српско



ИЗВОР: ВО ЦЕНТАР

По 12 години Црна Гора конечно би можела да им дозволи на своите граѓани двојно државјанство – црногорско и српско. Тоа го најави премиерот Здравко Кривокапиќ што секако би било решение на еден од жешките проблеми во односите на двете држави.

„Голем број граѓани кои со години живеат во Црна Гора, а не добиле државјанство од нашата земја заслужија тоа прашање конечно да се реши. Владата на Црна Гора во следниот период ќе го реши овој проблем“, истакна Кривокапиќ.

Можноста граѓаните покрај црногорското да извадат и српско државјанство претставниците на претходната власт го гледаа како опасност за проектот на „независна Црна Гора“. Тврдеа дека тоа би можело да ја отежне работата на државната администрација и да доведе до тоа во Црна Гора да има повеќе граѓани со српски отколку со црногорско државјанство.

Припадниците на бившиот режим сметаа дека Црна Гора како мала држава лесно може да биде жртва на политички инженеринг и големиот број нови гласачи комплетно да ја сменат политичката сцена.