Наместо куќа, на Водно ќе никне голема станбена зграда – жителите на протест, бараат стопирање на градбата



ИЗВОР: АЛФА

Наместо станбена куќа како што им кажале, под падините на Водно ќе никне зграда со голем број на станови, се жалат тамошните жители. Граѓаните кои денеска излегоа на улица, бараат под итно стопирање на градбата, зашто тоа ќе предизвикало свлечиште на земјиштето. Велат, направена е штета во нивниот парк, и исечени биле 20-тина дрва.

  • Протестот го организираме, ние од неформалното здружение “Стоп за урбаната мафија на Водно” по повод сечата на паркот (околу 20 здрави дрвја) кој беше на оваа локација и градењето на спорната голема градба во моментов, со ископина предлабока коjа може да предизвика свлечиште. Против градењето на овој огромен објект во заштитениот појас на Горно Водно, спротивно на сите градежни стандарди соседите потпишаа петиција до општина Центар, за итно стопирање на сечата на дрвјата и девстирање на овој простор со спорен објект, но сечата се случи, а градењето продолжува со несмалена жестина, велат организаторите.

Архитектите тврдат дека ваквиот начин на градба немало да ги издржи темелите, и тоа, при најмал потрес, ќе предизвикало пропаѓање на објектот.

Граѓаните велат дека се против градењето на овој огромен објект во заштитениот појас на Горно Водно, спротивно на сите градежни стандарди. Велат мора да се стопира овој објект, кој се наоѓа над игралиштето кај училиштето “Кочо Рацин”.

Соседите потпишале петиција против, овој како што велат, грамаден објект, и истата е доставена до општина Центар. Со петицијата тие бараат итно стопирање на сечата на дрвјата и девстирање на потенцијалната зграда.

Протестот го организира неформалното здружение “Стоп за урбаната мафија на Водно ” и гласно реагираат поради направената длабока ископина коjа може да предизвика свлечиште на околните куќи.

Борис Грујоски