Која е компанијата Фајзер: Продаваат вијагра за да им помогнат на мажите, а сега ќе ја продаваат првата вакцина против корона вирусот!



ИЗВОР: ВО ЦЕНТАР

Американската фармацевтска компанија Фајзер, која неодамна се најде во центарот на вниманието на јавноста поради вакцината против коронавирусот и обвинувањата на Трамп дека намерно се каснело со вакцината пред изборите, има над 170 години долга историја полна со куриозитети, но и полемики, од кои многумина не се познати на пошироката јавност.

Малку е познато дека првиот производ на компанијата се шеќерните стапчиња, дека годишно продаваат 40 тони вијагра, патентирана од Фајзер во 1996 година, и дека компанијата е водечки производител на лимонска киселина во САД кон крајот на 19 век во време на растечката популарност на кока кола и пепси кола.

Најпознат производ на Фајзер е Виагра, лек за еректилна дисфункција, кој беше откриен сосема случајно. Имено, хемичарите во лабораториите на компанијата се обидоа да синтетизираат лек за висок крвен притисок и ангина пекторис, но првите клинички испитувања покажаа дека тој лек има многу мал ефект врз ангината, како и дека може да предизвика ерекција. Така, Фајзер реши да лансира лек за еректилна дисфункција наместо за ангина пекторис, кој беше патентиран во 1996 година и одобрен во 1998 година.

Откако беше пуштен во продажба на пазарот, Виагра имаше најбрз првичен раст на продажбата во споредба со кој било друг лек кој се издава на рецепт, а во 2008 година, лекот достигна продажба од скоро две милијарди долари. Вијагра досега ја користеле 66 милиони мажи ширум светот, а годишно се продаваат 40 тони од овој лек.

Минатата година Фајзер имаше приход од скоро 52 милијарди долари и заработка од 16,3 милијарди долари. Негов најпродаван производ е лекот против болки „Лирика“, чија продажба достигна речиси 10 проценти од годишните приходи на компанијата.

Веќе 80 години во управувачките структури на Фајзер нема никој од семејството по кое беше именувана компанијата. Последниот беше Емил Фајзер, кој ја водеше компанијата од 1906 до 1941 година и чиј татко Чарлс (вистинско име Карл) тргна во бизнис со лекови во 1849 година заедно со неговиот братучед Чарлс Ф. Ерхарт. Фајзер бил хемичар, а Ерхарт слаткар, обајцата од германскиот град Лудвигсбург.

Доналд Трамп ја обвини компанијата за намерно одложување на објавата за многу скоро појавување на пазарот на вакцината против корона вирусот, за тој да ги загуби изборите, што се случи само неколку часа откако Фајзер го објави соопштението.

Вакцината против вирусот корона, под работно име БНТ162, за прв пат ја разви германската компанија Бајонтек во средината на јануари. Бајонтек стапи во партнерство со „Фајзер“ оваа пролет, а американската компанија се обврза да ги покрие сите трошоци за понатамошен развој на вакцината.

Ако сè се одвива според планот, Фајзер и Бајонтек ќе останат запишани во историјата како први производители на вакцина против вирусот што доведе до најтешка пандемија во изминатите сто години.