За каков документ зборува Стоев и дали Заев тајно преговара со Софија?



ИЗВОР: АЛФА

Спрема ли македонската влада нов договор за да ги задоволи апетитите на Бугарија, но и што добила во документите кои веќе ги испорачала официјална Софија? Од Илинденска молчат за барањата, но затоа шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев најави дека до крајот на октомври ќе се заокружи нов круг на консултации ,а она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи.

-Бугарија инвестираше многу во дијалогот со Македонија, очекуваме конкретни дејствија од Скопје за трајно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017, како и почитување на правата на граѓаните со бугарска самосвест. Преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат, а предадени се и бугарските предлози и текстови. До крајот на октомври ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија и доколку се постигне согласност, она што ќе биде договорено, може да биде потпишано од двајцата министри за надворешни работи, изјави Стоев.

Пред само една недела бугарскиот претседател Румен Радев на самитот во Словенија наметна нови барања за македонските интеграции и ги убеди европските челници дека додека Македонија не ги исполни бугарските желби нема како да дадат зелено светло за македонскиот интегративен пат.Побара до ноември Македонија да понуди писмени гаранции, кои ќе бидат обврзувачки.

А по Радев и организациите на Бугарите во земјава упатиле апел до бугарските политички лидери со барање за „заштита на нивните права“.

И додека бугарската влада не отстапува од намерата Бугарите во Македонија да бидат впишани во Уставот, Македонците во Бугарија преку Декларација побараа македонските власти да запрат со непринципиелните компромиси што ги прават со Софија.

„Ја осудуваме континуираната политика на негирање, дискриминација и асимилација што се води официјално против Македонците во Бугарија. Го осудуваме начинот на кој беше спроведен последниот попис во Бугарија, со мноштво нарушувања на правото на самоопределување и пречки пред Македонците да можат да ја изјават својата народност. Од Македонија бараме да запре да прави непринципиелни компромиси и да ги задоволува антимакедонските апетити на националистичките кругови во Софија“, се вели во декларацијата на македонски организации во Бугарија.

Протоколот кој го бара Радев треба да содржи правно обврзувачки гаранции за спроведување на одлуките донесени во Договорот од 2017 година. Дел од нив се однесуваат на тоа македонските Бугари да бидат впишани во Уставот, за да се запре фалсификувањето на историската вистина. „Да се сменат наставните планови, да се запре прогонот на луѓе кои се идентификуваат како Бугари во Република Северна Македонија, државниот врв во Скопје јасно и категорично да се прекине со идеологиите на тоталитарното минато“, се наведува во бугарските барања.

Ивана Соколовиќ Најдова