Заев тврди дека модуларните болници се безбедни- Истрагата тоа допрва треба да го утврди



ИЗВОР: АЛФА

Jавноста во очекување на брза и професионална истрага за причината за пожарот во тетовската ковид болница.  И власта чека на истрагата за да пресече дали ќе се прифатат оставките кои следеа по трагедијата во Тетово. На терен работат домашните надлежни институции, а во Тетово пристигнаа и германските експерти.

Тимот од германската Федерална криминалистичка служба е составен од четворица експерти, односно двајца крим техничари и форензичари за истражување пожари и двајца крим техничари и форензичари за ласерско мерење на простории и за фотографирање.

Германските експерти ќе работат заедно со крим техничарите на МВР како поддршка на ОЈО. Тие ќе имаат улога на мониторинг во истрагата.

Модуларната болница во Тетово целосно изгоре во пожар на 8 септември околу 21 часот. Загинаа 14 пациенти, а 12 беа повредени. Од преживеаните во несреќата, под болнички надзор се 4 лица останатите се пратени на домашно лекување.

Во меѓувреме, се погласни се тврдењата на експертите дека модуларните болници не се безбедни: брзината со која изгоре монтажниот центар во Тетово е доказ дека објектот немал противпожарен систем и дека материјалот од кој е изграден не бил отпорен на пожар.

„По трагичниот настан, додека изведувачот не обезбеди спецификација за да докаже дека материјалот е отпорен на пожар, технички јас изјавувам дека сите објекти изградени по сличен принцип не се безбедни“, посочи Неџат Бајрами за ТВ21.

Освен пропустите во тендерската документација, експертите посочуваат дека прекршен е и Законот за градење, во кој се наведени основните барања кои се однесуваат на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита, заштита од пожар, санитарна и здравствена заштита. Во тендерската документација на модуларната болница во Скопје,  како што тврди Бајрами, никаде не пишува дека е користен материјал отпорен на пожар и тоа за него е најголем пропуст.

За премиерот Заев пак модуларните болници биле безбедни и градени согласно стандардите како насекаде во светот.

Викторија Миткова