Дури 480 ученици досега се заразиле со корона, Царовска се обидува со проценти да ја намали бројката



ИЗВОР: АЛФА

Колку ученици се заразени со корона вирус и колку се во изолација не се кажува во апсолутни бројки – министерката за образование и наука Мила Царовска, им порача на новинарите, да си ги пресметаат процентите.

Сите ние сме сведоци на континуирана трансмисија во целиот конктекст во кој што ние живееме во општетсвото. Училиштата не се надвор од нашето општество ниту надвор од нашите локални заедници. Наша обврска е да да ги почитуваме протоколите доследно и да правиме се училиштата да останат безбедни и да продолжат со физичко присуство, рече Царовска денеска при посетата на централното основно училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во Ѓорче Петров.

Од почетокот на пандемијата регистрирани се 480 позитивни случаи на корона вирус помеѓу учениците, или како што би рекла Царовска – 0,2 од вкупниот број ученици. Само за еден ден, во понеделникот се заразиле 0,02%, односно – 48 ученици. За тоа колку ученици се во изолација Министерството нема точна бројка – според неа, одговорот го имаат надлежните институции кои издаваат решенија за самоизолација. Во моментов, 2% од учениците во основно образование следат онлајн настава, а во средните училишта  тој процент изнесува 7%.

За процентите на Министерството му замери и Народниот правобранител – реагира дека бројот на заразени ученици расте, а проблемот е што протоколите не се спроведуваат и почитуваат во целост. Народниот правобранител отвори и предмет, за да ја следи состојбата во училиштата и што надлежните органи преземаат за непречено остварување на правото на учениците за образование.

Иако средствата за јавно информирање секојдневно известуваат за конкретни бројки на новооткриени позитивни случаи на ученици и наставници ширум државата, ресорното Министерството за медиумите не соопштува конкретни бројки, туку само споделува информација за извесен процент од 0,02% од вкупниот број на ученици, при што се тврди дека интерна трансмисија на вирусот во рамки на училиштата не постои – информираат од кабинетот на Народниот правобранител.

Поплаките од родителите кои секојдневно ги добива Народниот правобранител се однесуваат на мерките во училиштата, постојаното изложување на учениците  на провев, постојаното носење маски кое преизвикува главоболки, неопремени тоалети, метеж пред влезовите на училиштата, голем број ученици во една паралелка, недостаток на учебници.

И додека министерката се фали дека работата на образовниот систем е беспрекорна, од Детската амбасада Меѓаши реагираат за нетранспарентнот на МОН, а  недостатокот на информации за епидемиолошката состојба во училиштата,  дополнително ги зголемува сомнежите и вознемиреноста кај родителите. Побараа да се воведе задолжително бесплатно тестирање за сите ученици и персонал во училиштата и наставата да се одвива на отворено додека дозволуваат временските услови.

Адријана Алексиеска