Во Париз се одржува меѓународна конференција за македонистика



ИЗВОР: КАНАЛ 5

Во Париз на Националниот институт за ориентални јазици и култури денеска се одржува меѓународна конференција за македонистиката, како ретка научна дисциплина, соопштија од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Оваа конференција, посочуваат, следи неколку месеци по одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект што има за цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и Германија, со што македонистиката доби статус со кој е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност на ИНАЛКО и во Франција.

Организацијата и учеството на оваа конференција е поздравено од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Во обраќањето од името на МСМЈЛК при УКИМ, директорката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, навраќајќи се кон забележаното од Блаже Конески, потсетила дека Париз бил значаен образовно-научен центар за македонистиката уште во периодот меѓу двете светски војни.

– Таму, во Институтот за словенски студии работеле професорите Андре Мазон и Андре Вајан кои во периодот меѓу двете светски војни имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. Имено и двајцата биле на Солунскиот фронт за време на Првата светска војна и таму се запознаваат со говорите во Леринско и во Костурско (денес во северна Грција, некогаш во популарната Егејска Македонија). Од тука е нивниот интерес за македонистиката и сознанието дека македонските дијалекти треба да се проучуваат и обработуваат како посебна група, потсетила Мојсова-Чепишевска.

Потоа, како што напоменала и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, во Париз, ИНАЛКО стана центар на странската македонистика, а Лекторатот во Париз е отворен во академската 1973/74 година и догодина ќе прослави половина век постоење.

– Денес, во Париз, македонскиот јазик се изучува како главен предмет и македонистиката може да се изучува и се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. Впрочем, како што постсети Мојсова-Чепишевска, на ИНАЛКО е и првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја, се наведува во соопштението.

Имено, во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, и тоа токму на реномираниот ИНАЛКО и благодарение на упорноста и професионалноста на проф. д-р Фроса Пејовска-Бушро.

– Се создаваат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, преку вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција. А оваа меѓународна конференција е и прва од повеќето планирани и во рамките на тој проект, посочила Мојсова-Чепишевска.

Конференцијата започнала со обраќање на раоводителката на Одделот за македонистички студии, проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро, по што во рамки на првата сесија биле опфатени теми за преводите на Новиот завет на македонски јазик во 19. век, влијанието на Марко Цепенков и Крсте Петков Мисирков врз лингвистичките концепции на Блаже Конески, изучувањето на македонскиот јазик како странски. Одделно, се наведува во соопштението, биле направени и паралели меѓу изучувањето и унапредувањето на францускиот јазик во Македонија и изучувањето и унапредувањето на македонскиот јазик во Франција, а одделно се говореше и околу проект поврзан со граматиката на македонскиот јазик. Исто така, еден реферат бил посветен и на творештвото на Васил Хаџиманов (1906-1969).

Во натамошниот тек на конференцијата, се најавува, ќе доминираат темите за книжевноста, уметноста, книжевниот превод и издаваштвото. Меѓу другото ќе биде проектиран и филмот за ангелот од Курбиново на Роберт Марто, од 1969 година. Покрај тоа и покрај рефератите и научната дискусија, одделно внимание ќе биде посветено на најновите преводи на дела од современата македоонска книжевност на француски јазик – избор од есеистичкото творештво на Горан Стефановски, „Мојот маж“ од Румена Бужаровска и „Страв од варвари“ од Петар Андоновски. На овој дел од конференцијата, најавено е и учество и преведувачката Марија Бежановска и претставници на издавачките куќи.

Ма конференцијата, меѓу другите учествуваат и акад. Катица Ќулавкова, проф. д-р Владимир Мартиновски, проф. д-р Ана Димишковска, доц. д-р Борче Арсов и м-р Ѓоко Здравески, кој во моментов е лектор по македонски јазик на ИНАЛКО. Дел од учесниците од Франција се и семинаристи на школите на МСМЈЛК при УКИМ.

По оваа конференција, се очекуваат и следни, во 2023 година, кога ќе се одбележи големиот јубилеј – 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО.

Adblocker detected! Please consider reading this notice.

We've detected that you are using AdBlock Plus or some other adblocking software which is preventing the page from fully loading.

We don't have any banner, Flash, animation, obnoxious sound, or popup ad. We do not implement these annoying types of ads!

We need money to operate the site, and almost all of it comes from our online advertising.

Please add tvstanici.net to your ad blocking whitelist or disable your adblocking software.

×