ВМРО-ДПМНЕ бара оставки од Заев, Филипче и Груби



ИЗВОР: АЛФА

Зоран Заев треба да ја напушти премиерската фотелја – понудената оставка на министерот за здравство Венко Филипче не е доволна – остро реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Бараат правда по катастрофалната несреќа во Тетово, во која живи изгореа 14 пациенти. Дали премиерот Заев чувствува и дали ќе си понесе одговорност, нема одговор од Владата. Од опозициската партија сметаат дека е потребна  истрага која нема да ја раководат Заев,  Филипче и вицепремиерот Артан Груби, бидејќи институциите под нивна директна контрола нема да ги дадат точните и вистинските одговори.

Потребна е кривична одговорност, која ќе се покаже само по непристрасна истрага. Како бил граден објектот, зошто огнот толку бргу продрел, зошто според сведоштвата немало ниту еден противпожарен апарат, зошто годнини биле во болницата и дали ова покажува дека има недостиг од кадар. Ова се вистински прашања од јавноста. А не дали Филипче го чувствува она што треба да го има – морална одговорност – изјави Рашела Мизрахи.

Од партијата алармираат, дека премиерот Заев и неговата партија се обидуваат да направат театар, бидејќи организирале партиска поддршка за министерот Филипче, а со тоа само го покажале моралното дно во кое пропаѓаат.

Според сликите кои циркулираат на социјалните мрежи, членовите и симпатизерите на СДСМ упатуваат силна поддршка за првиот човек на македонското здравство.

„Потребна е нашата поддршка во моментов за потпретседателот на партијата. Знаете што има направено за сите нас тука. Масовно да шириме позитивни работи за него. Не смееме сега да изгубиме човек како него, баш пред избори, за Филипче се работи“  стои во насоката на вибер група за која се тврди дека е составена од членови на владејачката партија. Голема поддршка може да се забележи и на социјалната мрежа Фејсбук, меѓу оние кои го величаат министерот  се и Горан Сугарески, Богданка Кузеска, Снежана Калеска Ванчева… И во групата Поддршка за Венко Филипче, која беше формирана лани во март, се шири текст за негова одбрана.

Социјалдемократите пак обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ монтира и шири лажни вести, а  работата и посветеноста на Венко Филипче и неговите дела биле препознаени од граѓаните и ниту еден фотошоп и манипулации не можеле да го избришат тоа.

Адријана Алексиеска