Аналитичари: Најдосадна кампања до сега, не изостанаа и ниските напади на противниците



ИЗВОР: АЛФА

Молзење крави, непристојни гестикулации, фрлање вегета по телевизиски студија, еден куп ветувања, митинзи без маски во време на корона,оцрнувачки спотови вака поминува кампањата во првиот кург на локалните избори кои треба да се оддржат во недела. Денеска е последниот ден кога партиите ги прават последните напори за да ги добијат гласовите на гласачите, од утре почнува предизборниот молк.

А каква кампања имавме, дали негативна или пак кампања насочена кон промоција на прокети, аналитичарите сметаат дека и овој пат црната кампања е примарна.

Се очекуваше владата повеќе да се фокусира на позитивната кампања, со оглед дека таа заедно со нејзините кандидати за градоначалници имаше 4 години да покаже што може да направи со развојот на општините и преку тоа да бара нова доверба од граѓаните. Очигледно поради недостатокот од реализација на нејзината програма во изминатиот период, власта сепак се одлучи да оди повеќе со напад кон својот политички противник отколку со промоција на сработеното. Во тој контекст е и нападот на опозицискиот кандидат за Аеродром, претпоставувам поради тоа што токму оваа општина е еклатантен пример за лошо менаџирање од страна на досегашната локална самоуправа предводена од СДСМ и тука постои особено големо незадоволство од тоа што е сработено изминатите 4 години, вели аналитичарот Владимир Божиновски.

И Муслиу вели дека црната кампања не изостана ни овој циклус.

„Накусо, ова беше најмонотоната кампања досега. Евидентно е дека политичките партии не успеаја да ги кренат емоциите кај граѓаните. Во последните денови имавме негативна кампања, но главно беше мирна, невозбудлива. Предност е што помина без националистички испади, со оглед дека овојпат имаше меѓуетнички коалициски блок и кај опозициските партии. Речникот на кандидатите и политичката култура бележат мал напредок во споредба со кампањите за претходните циклуси, но сепак недоволен“, смета аналитичарот Алберт Муслиу.

Право на глас имаат  1.824.864 граѓани, утре гласаат затворениците, изнемоштените и болните лица како и на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19, како и оние на кои им е одредена мерка самоизолација. Од понеделник продолжува кампањата за вториот круг на локалните избори кој ќе трае до 31 октвомври.

Мери Ѓорѓиевска